Постојат десетици напитоци, коишто во својата основа имаат
еспресо. Некои од овие опции може да се вкусат во повеќето кафулиња кај нас, а некои
од нив се поврзани со одредени географски области. Исто така, постојат
голем број на коктели кои содржат еспресо. Некои од најчестите пијалаци
направени од еспресо: капучино, кафе лате, макијато, афогато, мокацино, еспресо со шлаг
(еспресо кон панна) ристрето, допио, лунго, корето, американо ... Еве кратко објаснување за најчестите напитоци од еспресо.
Капучино
Капучино е кафе коешто во својата основа
има еспресо. Се подготвува на тој начин што во еспресо се додава специјално
подготвено млеко со микропена. Таквото млеко може да се направи само на
еспресо машини каде што има посебна славина за испуштање на врел воздух
директно во садот со млеко.
На овој начин, млекото се загрева со
впумпување на топла пареа на температура од околу 70 степени Целзиусови, цело време
водејќи сметка за микропената.Добро капучино се направи во следните пропорции:
првата третина од едно капучино е всушност еспресо, потоа една третина млеко, и
една третина е микропена којашто се прави на врвот со пумпање на врел воздух.
Капучино што има на врвот со видлива
пена со меурчиња од воздух, не е добро подготвено. Пената треба да биде мазна
како крем или павлака, што главно зависи од способноста на барменот.
Кафе лате
Се подготвува на
сличен начин како и капучино. Разликата е во тоа што наместо на потребната пена
на врвот, како во едно капучино, во кафе лате оди само кремасто подготвено
загреано млеко без пена. Во италијанските кафулиња најчесто се служи во
стаклени чаши, за разлика од капучиното коешто се сервира во порцелански чаши.
По желба се украсува со какао на врвот.
Во летните месеци
во Италија кафе лате често се прави со ладно млеко, а понекогаш и со ладно кафе.
Погрешно е овој напиток да се нарекува само лате, што е честа практика во
земјите од англо-саксонското подрачје, бидејќи лате на италијански значи млеко.
Не бидете изненадени ако во Италија, келнерот ви донесе чаша млеко кога ќе
нарачате лате.
Макијато
Еспресо макијато е со само малку млеко и
фина микропена на врвот. Тоа треба да се разликува од капучино, бидејќи се
служи во мали филџани како и стандардно еспресо, со тоа што на врвот се додава малку
кремасто подготвено млеко. Самиот збор макијато буквално на италијански
значи исфлекано. Во слободен превод тоа би значело еспресо со нијанса со
млечна пена.